Почетна » Православие » Македонската Православна Црква
 

Македонска Православна Црква
Охридска Архиепископија

Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) или само Македонска Православна Црква (МПЦ) е официјална православна црква во Република Македонија.

Coat of arms of the Macedonian Orthodox Church
Грб на Македонска Православна Црква - Охридска Архиепископија

 
ИСТОРИЈА

Христијанството во Македонија, па и пошироко на Балканот, прв го проповеда и шири Апостол Павле при своите мисионерски патувања, за што сведочат и „Делата Апостолски“. На тие негови патувања го придружуваат и Лука, Тимотеј, Сила и Тихик кои и самите независно од апостол Павле работат на христијанизација на овие простори. Низ Македонија проповеда и Апостол Андреј Првоповикан кој и го поставува апостол Урбан за прв епископ во Македонија. Апостол Силуан бил првиот епископ во Солун, а Епафродит во Адрија или Адријакија (погранично место со Тракија).
Што значи дека уште тогаш се поставени темели на организирана Црква. Би спомнале тука и дека апостолите Аристарх и Секунд биле Солунјани, Епафродит бил од Филипи, а Гај од Добер (Дервија) кој се лоцира накаде меѓу Струмица и Валандово. Во тоа време Македонија била под римска власт така што често ги менувала своите граници и својот етнички состав.

Како резултат на христијанизацијата извршена во првите три века, веќе на почетокот на IV век Христијаните на просторот на Македонија имале организирана Црква со црковна ерархија, чии епископи понатаму редовно учествуваат на помесните и вселенските собори.

Во V век на просторот низ цела територија на Македонија постојат повеќе митрополии и епископии, од кои попознати биле Солун, Скопје, Хераклеа, Баргала и Стоби. Во тој период и низ цела територија на Македонија никнуваат многу ранохристијански базилики.

За време на владеењето на царот Јустинијан I (527-565), кој потекнувал од с. Таврисион, близу до денешното Скопје, бил изграден нов град наречен Јустинијана Прима, во близината на родното место на царот. Скупскиот митрополит бил издигнат на ниво на автокефален Архиепископ. Кателијан бил првиот Архиепископ на Архиепископијата Јустинијана Прима. Имало и други архиепископи, како што се: Бененат, Павле, Јован I, Леон, и последниот - Јован IX, кој во 680-681 година учествувал на Трулскиот Собор во Цариград.

Во VII век на територијата на Македонија е извршена словенска колонизација при што доаѓа до мешање на староседелците со Словените. Нивната христијанизација започнува во IX век, со делото и со животот на браќата Свети Кирил и Методиј, кои потекнувале од Солун. Тие ја составиле азбуката на словенскиот јазик и го превеле Светото Писмо и другите дела што биле потребни за да можат црковните служби да се молитвословат на јазикот на кој зборувал народот. Нивното дело со помошта на бугарскиот цар Борис I Михаил го продолжуваат Климент и Наум Охридски, Константин Брегалнички и нивните ученици кон крајот на IX и почетокот на X век.

Климент Охридски го основал првиот универзитет на Словените на овие простори, а Наум Охридски го основал првиот словенски манастир на брегот на Охридското Езеро. Во втората половина на X век, во рамките на Самуиловата држава е организирана Охридската автокефална Архиепископија, во достоинство на патријаршија, а подоцна, по паѓањето на Самуиловото Царство, повторно е сведена на степен на архиепископија и како таква постои цели осум века, се до 1767 година кога е укината од страна на турскиот султан Мустафа III, а нејзините епархии се присоединети кон Цариградската патријаршија.

Нејзините епархии смениле неколку јурисдикции од соседните православни цркви. Особено жестоки борби биле водени по средата на XIX век за создавање на Бугарска Егзархија, во кои учествувале деjци како Браќа Миладинови, Григор Прличев, Кузман Шапкарев. Таа била афирмирана со султански ферман во 1870 со центар во Цариград и до Балканските воjни ги вклучувала епархиите Битолска, Велешка, Дебарска, Охридска, Скопска, Струмишка, Неврокопска и имала обласни претставители во Леринско (Магленско), Воденско, Солунско, Поленинско (Кукушко), Серско, Мелнишко, Драмско. Во 1912 имала 1,373 егзархиски училишта со 2,266 учители и 78,854 ученици во Македониjа. Денес неjзина наследница е Бугарската Патриаршиjа. По Балканските и Првата светска воjна и укинувањето на Бугарската Егзархиjа во Вардарска Македониjа таа беше насилно потчинета на Обединетата Православна Црква на Србите, Хрватите и Словенците. Во текот на Бугарската окупацијана Македонија (1941-1945) црквата во Македонија повторно била под управа на тогаш непризнаената Бугарска Православна Црква. Услови за враќање на самостојноста се создаваат дури кон крајот на Втората светска војна.

Пред самиот крај на војната, во 1944 г. во селото Врановци е создаден Иницијативен Одбор за организирање на Македонската Православна Црква. На 4 март 1945 година во Скопје е одржан првиот црковно-народен собор, на кој е донесена Резолуција за обновување на Охридската Архиепископија, како Македонска Православна Црква. Оваа одлука е доставена и до Архиерејскиот собор на СПЦ, бидејќи пред војната епархиите во делот на Вардарска кедонија беа во составот на Обединетата Православна Црква на Србите, Хрватите и Словенците, подоцна - Српска Православна Црква. Архиерејскиот собор на СПЦ не ја прифаќа оваа одлука, поради што по Соборот од 9 и 10 мај 1946 година во своите понатамошни барања Иницијативниот одбор истапува со одредени редукции: наместо како автокефална, бара да биде признаена како самостојна црква. Но, повторно не наидува на одобрување. Од 4 до 6 октомври 1958 година во Охрид е одржан Вториот македонски црковно-народен собор, каде што е прифатен предлогот за обнова на Свети-Климентовата Охридска Архиепископија, олицетворена во самостојната Македонска Православна Црква, а за нејзин прв епископ е избран г. Доситеј.

Архиерејскиот собор на СПЦ се согласи со одлуките на Македонскиот црковно-народен собор, во одлуката АС. бр. 47/1959 година и 6/1959 година зап. 57 од 17/4 јуни 1959 година.

Одлуката за самостојност на МПЦ беше потврдена преку отслужувањето на заедничка архиерејска Литургија со српскиот патријарх Герман, на 19 јули 1959 година во црквата на Свети Мина во Скопје, и истовремено е извршена и хиротонија на преспанско-битолскиот владика Климент. Со тоа Светиот Архиерејски Синод на СПЦ дал самостојност на Македонската Православна Црква, со тоа што таа и понатаму останува во канонско единство со СПЦ преку нејзиниот Патријарх. По неколку дена во црквата на Свети Никола во Штип е хиротонисан за владика на Злетовско-струмичката епархија г. Наум. Конституиран е Синодот на МПЦ според Уставот на МПЦ, како и другите административни органи и тела во Архиепископијата и во епархиите.

Во мај 1962 година во придружба од патријархот Герман, со неколку епископи на СПЦ, во посета на МПЦ дошол Патријархот Московски Алексиј, придружуван од митрополитот Никодим, епископот Пимен и повеќе високодостоинственици на Руската Православна црква. На празникот на Свети Кирил и Методиј во црквата Света Богородица Каменска во Охрид беше одржана и архиерејска литургија, на која што зеле учество патријархот Московски Алексиј, патријархот Српски Герман и Архиепископот Охридски и Митрополит Македонски Доситеј. Ова било прво сосложување на поглаварот на МПЦ со поглавари на други афтокефални цркви.

Во 1966 година односите со СПЦ повторно се влошуваат. По новонастанатите недоразбирања и судири, Светиот Синод на МПЦ на 17 јули 1967 година во Охрид го свикува Третиот црковно-народен собор и на свечената седница во охридската црква Свети Климент ја прогласува Македонската Православна Црква за автокефална. Чинот на прогласувањето на автокефалноста на Македонската Православна Црква е совршен на Светата Архиерејска Литургија, отслужена во црквата Света Богородица Перивлепта (тогаш позната и како Св. Климент) на 19 јули 1967 година, од Светиот Архиерејски Синод на МПЦ. Точно 200 години по нејзиното укинувањето од страна на Турција.

На 12 ноември 2009 година Македонската Православна Црква во своето име ја додаде додавката Охридска Архиепископија како директна наследничка на старата Охридска архиепископија. Покрај додавање на додавка, МПЦ-ОА изврши и промени во грбот и знамето, односно наместо приказот на црквата Света Богородица - Перилепта, сега е црквата Света Софија од Охрид како седиште на архиепископите на Охридската архиепископија.

Извор: www.mpc.org.mk



 
Организација на МПЦ

Диецезата на Македонската Православна Црква освен на подрачјето на Македонската држава, се протега и во црковни општини надвор од границите на Републиката.


Dioceses of Macedonian Orthodox Church
Мапа на епархиите на МПЦ

 
Епархиите на МПЦ:
  1. Скопска епархија, предводена од архиепископот г. г. Стефан;
  2. Полошко-кумановска епархија, предводена од Високопреосветениот Митрополит г. Кирил;
  3. Дебарско-кичевска епархија, предводена од Високопреосветениот Митрополит г. Тимотеј;
  4. Преспанско-пелагониска епархија, предводена од Високопреосветениот Митрополит г. Петар;
  5. Струмичка епархија, предводена од Високопреосветениот Митрополит г. Наум;
  6. Повардарска епархија, предводена од Високопреосветениот Митрополит г. Агатангел;
  7. Брегалничка епархија, предводена од Високопреосветениот Митрополит г. Иларион;
  8. Американско-канадска епархија, предводена од Високопреосветениот Митрополит г. Методиј;
  9. Европска епархија, предводена од Високопреосветениот Митрополит г. Пимен;
  10. Австралиско-новозеландска епархија, чиј администратор е Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар

Според точката 17 од Образложението на Одлуката за автокефалност, Македонската Православна Црква како административен дел од едната, света, соборна и апостолска црква, ќе ги чува Светото Писмо, Светото предание, апостолските Правила и прописите на вселенските и помесните собори и ќе се раководи согласно со нив и со Уставот на Македонската Православна Црква.

 

icon